фев
16

Седиме во бутикот. Јас, пријателката, газдарицата, комшиката и уште една жена.  Лето е, жешко. Цврста пладнина, шо би кажала баба.
Кога кокошките стојат со подзинат клун!
Делкаме муабет и како и секојпат, врт-сук, доаѓаме до темата  мажачка. Оф корс, јас сум на тапет.
-Е- ми вели- Ангелино, не знам што сакаш. (тоа ми го кажува  личноста која не ни сакам да знае што сакам, а во тој момент сакав само да се препуштам на врелиот воздух и да чувствувам како потта ми се лизга под пазувите, оти нели  неки то воле вруќе.  Додуша јас сум од тие типови што не ги бива ни на многу ладно ни на многу топло, ама кога жештината е несносна, најдобар е пристапот смирување. Не да се ладиш со ладало или со раката, туку да се смириш,   да бидеш,  да почувствуваш како ти се лади телото, таа чудесија, која си наоѓа начин да остане во рамнотежа.
-Ајде, ајде  сега тоа ли е муабет? -ме брани личноста која е единствената што знае заради што би стапила во брак.
- Јас имам внук, адвокат, се има, куќата му е да тиннеш и ќе тргне, со кујна „Марлес“, со спална, со дневна, резбано дрво, маса со 6 стола. Мајка му вика оти не се наваксува веќе да го пере и пегла, желна е жената снаа дома да и дојде, а знаеш каква е добра. Гази ја, оф не кажува. Живот ќе си живееш. Добро сега, внукот е малку  полн, ама нели, на тие години со луѓе бидуваат тие работи.  (јас сум подзината од нејзината дрскост, ама типката продолжува) -А  синот на комшијата, он е доктор, специјализираше, сам е во станот, кола, викендица, стан у Скопје, шо ќе ти фали?   Е де, знам, малку нема коса, ама тоа ли ќе гледаш?
(ова го вели личноста што  не знам шо кур бара овде во приказната!!!)
Уствари, таа само такви бара.
Живее во една улица, која јас ја нареков авенија на ергените. Таму во секоја куќа има момак што не е женет, а има над 40 и кога ќе влезе некоја како јас, без бурма на раката, мајките ја фрлаат престилката, си поминуваат со рацете низ косата да се преуредат и ми викаат:
-Влези де, седни. Одма слатко, колачиња, сок, за да не станам одма.
Им доаѓа да ме заковаат за столот и го викаат синот, слушам некои нејасни звуци, шопкање, шуш, муш, а јас сум дојдена по сосема трета работа. И завршувам работа, жената го бутка синот да ме испрати до вратата, а јас еднаш си ги заборавив ракавиците, а мајката сва среќна ми вика:
-А тоа е знак- пак ќе се вратиш…
Не ми е јасно како упоште има немажени и неженети, кога луѓето вложуваат толку напор.
Таа беше главната што ги пердашеше ергените. На домашните им беше забрането да го прават тој муабет, па неа ја викаа, демек да ги реже трендафилите, а она ќе го подбере синот на комшиката, со тон што веројатно ги штрепаше луѓето:
-Ајде ти, што чекаш, гледаш мајка ти е болна, шеќерот и е качен, сега и го мерев притисокот, 200 и е, а ти лангидар, ајљакчија! До кога ќе те пере, да готви? Ајде, жени се, да ја одмени некој таа жена, времето ти минува, децата не се стигнуваат, твоите ќе одат у градинка, а твоите  другари војници ќе испраќаат!
Бидејќи жртвата ќути и се спрема да излезе, таа го повишува тонот:
-Се имате, а не знаете што сакате! Ние едно време немавме кај да спиеме, ама ќе дојдевме ли на 19-20 години, ајде се мажевме!!!…

-Јас ќе се омажам кога ќе се вљубам, тивко, како за себе велам јас. и одам да пуштам глас на радиото. Радио Скопје, втора програма, Дип Парпл…Розас кантина….мммм…
-Заради љубов?!!? (жалам што не можам да доловам колку беа сите, освен едната унезверени од мојата изјава).
-Ангелино, ти си занесена! Кој се мажи заради љубов денес?? Луѓето гледат да се наместат, а она ќе се мажела заради љубов!! Немаш памет!! Златна момичка, ние ти правиме муабет за деца од фамилија, да се скрасиш, а она ќе се мажела од љубов. Ами ти не си 20 години, свести се!!
*Заблешка-дејството се случува кога сум дури 28 години!! Изодена мома. Ергените од авенијата се нарекуваат запазени ергени.
-Е, велам, јас ќе се омажам заради љубов!
Не веруваа во такво нешто и имаа право. Имав љубов заради која зарежав се и тргнав со него. Не се зедовме на крајот на приказната. Имав 28 години и доживеав крај на светот. Не заради тоа што не се зедовме, туку затоа што престанавме да се сакаме. Никој не веруваше дека после таква љубов, пак ќе може да се вљубам. евер.
Инаку, ми се обраќаа мене, зашто сите мислеа дека по љубовен бродолом како што беше мојот, после кој веќе ништо немаше смисла, одвај чекам да се мажам.  А јас сакав да умрам, ама не се умирало така лесно. Бев тажна. Тагата се закануваше да проголта се, освен мене.  И таа има миленици, а јас и бев моуст фејворит. Имаше моменти кога беше неподносливо страшно. Тогаш се пуштав да паднам.
-Ајде-си викам- нека паѓам, нека го допрам дното, нека исчезнам, нека ме голтне амбисот, нека пропаднам во ништавилото, пеколот, рајот каде и да е…
И така се препуштав на тагата и на депресијата и после едно време, гледам дека не сум на дното туку на некој сретпат, ни горе ни долу, ни на небо ни на земја, и немам избор освен, да кренам кон горе, а ми треба многу голем напор да се качам горе и да почнам од почеток.
Понекогаш се чувствував како да сум родена и да живеам на раскрсница. Како судбината да ми е  раскрсница, а таму не е баш угодно.
Како сонце фрлено во песок.
И еве ме сега, во еден жежок ден, се гледам во излогот и ги слушам како ми солат муабет за неопходноста од бракот, за биолошкиот саат, како наречници на трета вечер.
-Ами тогаш зошто би се мажела? – почнувам јас- За да си ја обезбедам живајеачката ли? Ами тоа е многу висока цена! Треба да му бидам законска метреса на некој таму?  Проститутките се почесни во тој поглед-тие вршат работа, наплаќаат и толку, а јас ќе треба да глумам хепи фемили, за да имам станови, коли вили? А и мажите-ако се женат некој да ги пере и пегла, тогаш е подобро да платат некоја жена. Сексот веќе може да се купи и така и така! Зошто би се женеле ако не се сакаат?
Мислам, како ќе си легнеш со тој човек? Нели треба да се гушнеш, да ти рипне нешто во стомакот кога ќе го видиш, да му ги бакнуваш дланките, да му ги затвориш очите за да погоди кој е, да му го триеш грбот кога се бања, да го скокоткаш, да се смеете, да говите заедно, да ти ги слуша приказните, да изведуваш бесни глисти пред него, да му пееш, да имаш тајни што само тој ги знае, да плачеш пред него, да му го гризнеш газето… (ова последното ич не ми требаше да го кажам)… И може ли да го правиш сето тоа со некој што ќе ти го наместат?
ШТАМА……….
УЖАС НА НИВНИТЕ ЛИЦА …..(само на едната и мене ни е многу убаво)…
Веќе сум мокра на грбот, ама убаво ми е…
За малку се уплашив да не излезе некој Мерсо да ми р‘гне нож во ребрата…
А над асфалтот се прави мрежa од жегата. Непријатната тишина ја нарушува една појава – во бутикот, како од никаде, влегува  пар-млад маж и млада жена. Муабетот е прекинат, ги гледаме…
Се држат за рака. Не ми е јасно што бараат на тоа жешко да шетаат на чаршијата. Очигледно е дека се од село.
И двајцата се испечени од сонцето (полските работи се увелико почнати).
Девојката. Има околу 18-19 години, ама изгледа како да е повозрасна.
Косата и е долга до половината, ама  како искината. Сигурно братучетка и и ја сече по еден милиметар на секои 4 месеци.
Исфарбана е од коренот до половината со црвена, а другата половина останала црна. Црвената фарба не успева да ја покрие црно исфарбаната коса, која е можеби фарбана со каменче (боја за бојадисување фармерки – и тоа го имаше, во време кога фарбите станаа нестварно скапи,или ги немаше; плавите си правеа фарба од свински сапун и хидроген, мислам).
Хероината која ја спаси ситуацјиата имаше интересен лик.
Цртите на лицето не беа изразени, ама беа  строги. Ситни очи и стиснати усни, испакнати јаболкници. Животот не ја милувал, имаше некоја лутина вткаена во тоа лице, која ја смрзнала засекогаш радоста на тоа суштество. Сигурно има помала сестра или брат за кои морала да се грижи додека мајка и била на нивата. Месела леб уште на 10 години, правела ручек, братчето се изгорело на оганот, таа го јадела ќотекот.
Таа носи црна маица на прерамки,  а бел прслук како декор, и тоа од оние што на второто перење им излегуваат жиците, а прерамките изгледаат жално. Белиот прслук веќе сменува боја (попуштаат ластичињата). Иако е доста разголена, ништо не е вулгарно.
Мини  здолништето е избледен џинс, ама е демоде, и сандали со кои не знам дали ќе успее да се врати назад. Битно-на штикла се, со платформа, бели и лаковани, лепени со лепило за лепење гуми на точак, „Тигар“ мислам дека се викаше. Има жолти остатоци, кои сведочат за тоа.
Нозете и се прекрасни, долги, витки, потемнетеи, без целулит.
Чудно, ликот никогаш нема да и го запаметам, ама сега да ја видам ќе ја познаам.
Сигурно не вежбала  да оди како манекенка нога пред нога, со книга на главата, а сепак, одот и беше кралски- како да не ја допираше земјата. Веројатно самовилите чекорат така-ми помин низ главата.
Рацете си одговараа на нозете-излиени!
Ноктите  несредени, со излупен лак розева шеќерлија боја, а раката е се уште нежна, неогрубена, со тенки убави прсти. Забележувам разранета брадавица на дланката – обид за  неуспешно отстранување со бапски лекови.
Наредена е со злато-пресно се венчани или верени. Златото што е на неа блеска, иако е најверојатно осумкаратно. Ни требаат маски за швајцување, за да не не заслепи.
Испотена е, ама мириса на здраво, на земја, на плодови, на жена.
Младичот со неа е со пожолтени веѓи и трепки од сонцето, црвен во лицето, во бела кошула и избледени фармерки, млад е, сигурно нема 20 години, ама со држење на маж, кој би се степал за неа.  Таа немаше ташна, парите беа кај него. Можеби е најмлад дома и тој ќе треба да ги гледа мајка си и татка си на стари години.
Влегоа во бутикот чисто онака. И си отидоа онака.
Почнаа коментарите.
Ми беше мило зашто јас не бев тема, ама сепак не истраја срце јуначко у мене и велем:
-Ја видов те ли? Е и јас сакам да бидам како неа.
Збунажа…
-Ангелино, од кога ти е идеал да бидеш како прворазредна сељанка? Нели ја виде каква е? Карикатура!-се уште не е јасно…
-Не ми се верува! -реков јас.-Зошто не  сакате да го признаете најочигледното? Таа жена влезе како КРАЛИЦА во бутикот! Таа имаше маж покрај себе, некој кого го сака! Ние демек, многу модерните!!
Еј, што ви е? Таа не не ни забележа. За неа бевме само некои градски прдли, кои седат ајљак во бутикот. Ништо повеќе од мачка што се грее и протега на сонце. А таа има нешто што ниедна од нас го нема, нешто што  толку ретко се наоѓа! Таа има  СРЕЌА!! Таа е среќна. Таа има сонце на рамениците. Зар не видовте?
При очи сте слепи. А таа?
Таа изгледаше како жена која штотуку го освоила светот.

Category: раскази
You can follow any responses to this entry through the RSS 2.0 feed. You can leave a response, or trackback from your own site.
68 Responses
  1. lepangelina вели:

    сакав да ставам и слика, ама еднаш не ми успеа, а веќе е многу касно и ме мрзи да пробувам…

  2. Charlotte вели:

    Хмммм,за селанката,не знам баш.Мислам дека сакаш да си мислиш дека е среќна за да ти биде потешко.Сигурно за печес години мажот и ќе пие пиво цела вечер пред кооперација,а ноќе кога ќе се врати дома ќе ја тепа.А може и нема ,ама малку е веројатно дека ќе живеат во селска идила. :)

    • lepangelina вели:

      гуд морнинг на сите! :)
      Шарлот, не мислев дека е среќна, таа беше среќна!
      Всушност, нејзината среќа не „удри„, облеката беше детал. Тоа што се од село, само кажува дека ич не им е лесно-ништо повеќе.
      Јас со години бев сведок н акатастрофални градски парови-каде тој ни ја тепа, ни излегува, ама ига цело време на компјутерот.
      нема формула за среќа, а станувањето у 3часот (може и порано) е далеку од селска идила.
      поздрав Шарлот

  3. virtuella вели:

    …држи и муабетот на Шарлот, за селанката…денес е кралица, којзнае утре која ќе биде…а луѓето со цена на вратот, кои се мажат/женат со дигитрон во рака се исти како оние кои лижат гаС на партија и продаваат муда за бубрези…не пијам кафе со таквите… :)
    … а дека уживам во секој твој збор, знаеш…

    • lepangelina вели:

      Џорџи, овој пост ти го посветувам тебе, зашто ептен се бев улежала и немав од лани ништо напишано.
      слушај, јас не знам како ќе заврши приказната, ама знам дека почна кралски.
      а денес да се мажиш со дигитрон у раката е најнормално.
      јас не бев нормалната у случајот. поздр

  4. Анонимен вели:

    oh,
    potpolno te razbiram…
    guskaa…

  5. medeno вели:

    Модата да имаше врска со чувствто
    за кралство, не ќе беше комплицирано.
    ,,селанката,, може не ќе е долго кралица,
    може и ќе е…ако знае како да ја носи круната.
    Исто и за градските цури…нема некоја граница тука.
    Се е до начинот и зачините.
    А ,,прилика,, е само по себе феномен…хахаха
    Лепа Ангелина…поздравче…

    • lepangelina вели:

      медено, многу жени се опседнати да бидат модерни, да с еслагаат кондурите со ташната и каишот, телефонот каков е, ако вози кола, каква е.
      и од тоа си прават кралство и им служат. И тоа е ОК, ако им е убаво.
      Ама може ли гушката со некој што го сакаш, да ти ја замени палтото од Гучи?
      а ако е некој затоа што носам такво палто, поарно ич да не е.
      И да, не е важно градска -сексла цура, иако во мојот град е тоа мнооооогу битно!
      среќата живее секаде.
      и нејзе не и важно како си облечен и од кај си.
      верувам дека цурата иако има 2-3 деца, е среќна до ден денес и дека ја носи круната!
      Гушка за тебе, миличка.

  6. alexandro вели:

    Велемајстор си за раскази од кои зрачи топлина и живост.
    Прекрасен расказ…
    Поздрав Лепангелина! :)

  7. virtuella вели:

    …градска цура-селска цура-поделбата не е географска туку ментална…
    …секогаш анализирам неколку конкретни примери за да формирам мрчење…ако двајцата влегле со искрени чувства и се карактери-ќе си гризат газиња со мерак :) …ако едниот е лабилен + манипулатор-јеби га…

    • lepangelina вели:

      токму така, џорџи.
      знам за многу кои со такви чувства влегле во брак. како тече понатаму, тоа е друга прикзна.

  8. gocheska вели:

    фарбана со каменче (боја за бојадисување фармерки – и тоа го имаше, во време кога фарбите станаа нестварно скапи,или ги немаше; плавите си правеа фарба од свински сапун и хидроген, мислам).
    ……еј фантастично , респект за напишаново ….ја со задоволство те читам , и да ,,Таа,, НЕ Е СРЕЌНА – најверојатно ….

  9. medeno вели:

    Џорџи кога сме кај менталното…
    дај кафето, ја имам херба бомбони…хахах

  10. virtuella вели:

    …батали кафе, од него расте опаш… стартуваме со чај (домашна една може пред или после чајот :) ) …

  11. medeno вели:

    Ау…само што рече домашна…ме фати еј…хаха
    чајот дифус фатиии…
    ај би една мастика…
    Ајде денов тргнал веќе…

    • lepangelina вели:

      цури, вие вредни, а?
      и домашната џитната, и кафето, а јас тек се рассонувам.
      одам да си наточам кафе, да се разбудам.
      денес сум на вежбање, па да не заспам во салата :)

  12. mistressofsadness вели:

    не можам да се изначудам на коментарите “таа не е среќна”, од каде бре луѓе таа дрскост?!?!
    или муабетот е и другите се несреќни па што ако сум и јас…не разбирам…убаво напишано во секој случај Ангелина и поентата на расказот е далеку над селанката демоде, погледнете ги перачите на мозокот а не девојчето кое избрало пат…поздрав :)

    • lepangelina вели:

      мистрес, и мене ми се случува да ги видам работите поинаку :)
      а расказот беше за неа, па се прошири, па ова она…
      инаку, кога ќе погледнам сега, и таквите се потребни, стројници…
      мило ми е што сите ја забележаа кралицата :)
      поздр

  13. virtuella вели:

    …перачите на мозок постојат за да упропастуваат туѓи животи…
    …се фативме за селанката затоа што перачите не ни заслужуваат муабет а поентата е далеку над…

    • lepangelina вели:

      џорџи, не знам.
      одамна сум далеку од се, ама од оваа дистанца ми се симпатични :)
      нивната цел не е да упропастат туѓ живот, него да ги спојат луѓето.
      а мило ми е што сите се фативте за неа.
      таа е главниот лик во приказната…
      и не требаше да кажам испотена.
      Таа беше оросена со пот.

  14. tc вели:

    суровата реалност е дека во битаката со времето и модата… шикот и клишето… да се биде или не… се заборавија вистинските вредности поради ои треба да се биде со некого или некоја… во трката по парите и “сигурниот” живот, станавме нечии идни несигурни мажи и жени… сите летаме по Холивудски критериуми на бракови, па нормално е да имаме и Холивудски (барем во однос на бројот) бракоразводни постапки, така си иде тоа… а и што очекувате повеќе кога во ова време сите девојки и жени очекуваат (не поради себе туку поради околината) принцови на бели коњи (читај – млади бизнисмени добро нафатирани со најамлку mercedes или bmw… а сите момци и мажи сакаат чесна домаќинка и веруваат во љубов а уживаат во сексот “лесни” девојки и проститутки… забегав малку ама ТОП ти е текстот

    • lepangelina вели:

      тц, топ ти е коментарот!
      „во трката по парите и “сигурниот” живот, станавме нечии идни несигурни мажи и жени…“ многу убаво кажано, можда ќе ти го земам за во некој иден текст.
      тенкс

  15. mistressofsadness вели:

    ТС и жените уживаат во сексот, а заошто да не може еден цел комплет брак од љубов со одличен секс, или се е денес на принцип на исклучување, приемер добар секс лош дечко, љубов наспроти сиромаштија, домаќинка наспроти тапа у кревет, модерна жена лоша мајка итн…не ми е јасно….не, јас не сум совршена ама сакам да ги можам сите работи…уф и ајс забегав….

  16. django вели:

    ме свиџаат цурата шо стоеше пред бутик сос момчето
    анџелино…одлично доловено…цел живот распраам за ово…

    и цел живот уствари, објаснуем дека амерички филмои ПОСТОЈАТ, само требе да се препознаат

    • lepangelina вели:

      џанго, цурата посебно…
      да сум машко, ќе се вљубев во неа.
      кажував и јас, не ми веруваа, ама така е.
      јас се вљубив пак :)

  17. tc вели:

    misstres истата работа ја зборуваме само што забегуваме во нашата вечна филозофија… се се може кога се сака… но луѓето денес се помалку сакаат… или поточно се повеќе САКААТ а се помалку СЕ САКААТ… и на крај сите сакати… :) … е тука некаде можеби е и решението на проблемите…

  18. tc вели:

    еми немет… се дури се се гледа низ таа призмана шо ја зборевме… едни со предрасуди, други со очекувања, трети со добивка, четврти со добиток… :) … е се дотогаш чаре ЈОК

    • lepangelina вели:

      љубовта е чаре тц, т.е. мистрес.
      мислам дека и порано не било поинаку.
      и не се гледаат само арите, туку од какава фамилија си.
      знаеш како велат, куче се гледа да е од фамилија, а не човек.
      не е лесно.

  19. gjurovski вели:

    Одлична приказна.
    Само ме интересира зошто денес е толку тешко да најдеш вистински партнер. Па нели искачање, кафулиња, диско, миско, ноќни клубови, па зошто да не – интернети, социјални сајтови, блогови, форуми… :-)

    А на родителите, комшиите и бабите тоа им е работа… Се си средиле па сеа и вас ќе ве оправаат…

  20. lepangelina вели:

    ѓуровски, денес е тешко да најдеш партенр, зашто не играат танго, мислам она, кога дечкото и вели на цурата: -Ќе играш ли со мене?
    А таа станува и играат, т.е. се маваат како свеќи, ама битно ли е.
    Како да се во прегратка :)
    кај нас има жени и мажи кои имаат талент за стројништво.
    поздрав

  21. lepangelina вели:

    прашања:
    1.Коментарите ми излегуваат на секој под прашањето.
    арно ли е така или да мењам (може ли тоа да се мени?)

    2. арен ли е тексто или во иднина да лупам почесто ентер?

    поздр

  22. virtuella вели:

    …ај сега ја ќе мрчнам за перачите на мозок а ти најди кај кој коментар беше, не знам како вака вметнуваш коментари, ова првпат го гледам :)
    …тие стројниците се со најдобри намери ама секој си има своја дефиниција за љубов…никој нема право да крои нечија туѓа судбина и се’ додека не тупат премногу – се симпатичен дел од нашиот фолклор…
    …знам многу семејства каде од премногу мудреци и мешање во врските децата останаа немажени, па сега се обвинуваат меѓусебе…
    …секој има еден живот за кој одлучува…замисли ти сугерирам некого, ти ме послушаш па после цел живот да ме пцуеш… не е убаво… :)
    …инаку, редно беше да наштракаш пост а ентер никогаш не може да е премногу…

    • lepangelina вели:

      а бе, мајку му њега сви!
      три дена не можам да се вклучам на блогов,
      таман ќе сакам да се логирам,
      ми иѕлегува сивото со жолт триаголник.
      Само јас ли имам проблем или сите имаат?
      Ама не че да е до мене
      Мај хаѕбнд проба од работата и и таму не бива

  23. filipko вели:

    Раскажувањето ти е на напредно ниво со умешност во доловувањето на деталите.И друг пат ти имам препорачано да напишеш книга оти штета е да не се искористи ваков раскажувачки талент.
    Што се однесува до обработената тема ,лично имам спротивно мислење од она што низ текстот провејува.Зошто да се има отпор кон запознавањето со стојници?Впрочем моите родители се имаат на таков начин запознаено и имаа прекрасен брак.Знам и многу други примери.Зошто форсираме предрасуди?Не мора секогаш девојката што ја запознаваме со стојници да е грда,момчето келаво или дебело.И не е никаков срам ако се запознаваме на таков начин.Никогаш не се знае во која грмушка лежи зајакот,каде ни е среќата.Нејсе,ако добро се размисли најголем дел од сите врски започнуваат по ненаметлива препорака на другарката,другарот и слично.Не е ли и тоа стојникување?Уште една предрасуда.Не мора стројникот да носи шамија и да е жена во години.Се е маркетинг,пропаганда,убедување.

    • lepangelina вели:

      џорџи, немам појма како излегуваат така. Само ќе штракнам на „одговори„ и одмах ти одговарам на тој што има коментирано.
      инаку и јас знам семајства, каде пак мајката ја ожени ќерката, за да не остане стара мома, и тоа на 19 години. Сега си ј ачукаат главата, ама итс ту лејт.
      поѕдр

    • lepangelina вели:

      филипко, фала ти многу, ама не знам баш дали е добро за книга.
      инаку, како и во повеќето мои причи, уопште немав намера да пишувам за стројницита, ама ете, тетката и тука се пикна.
      стројниците не с елоша работа- не познавам некој што запознал некого непосредно. Секогаш е тука другарка, другар, комшивка.
      ама не е било кој.
      Во тој период мене на крај памет не ми беше да имам врска, а за брак да не збориме.
      Можеби заради тоа има негативен призвук приказнава (во врска со стројниците).
      Имам еден пријател што е роден стројник-он има спарено сигурно 8 пара, што се маж и жена, ама човекот знае на кој што да предложи.
      значи немам ништо против, само малку да се има мерка.
      Не можеш така-гледаш некој првпат, не еженет и ај одма рипни му.
      Инаку за среќен брак нема формула.
      Мама и тате се запознале и после два дена с еземале.
      А тие имаат перфектен брак иако се како ден и ноќ.
      поздрав, одам кај тебе на блог

  24. medeno вели:

    Хај…нешто замешани кометари тука…
    Тоа со сиво и жолто
    не сум сретнала, ама нели си тука
    значи заминало…
    поздравче до тебе…

  25. virtuella вели:

    …Лепангелина, деновиве блогерајов го снемуваше онака кога ќе му текне и се појавуваше после неколку саати исто онака кога ќе му текне…му се може па не’ дрибла…изгледа си го погодувала баш во тоа време…

  26. lepangelina вели:

    цури, баш ми е мило што сте тука.
    беше чудно-се логирав, па ми шпадна блогот, па видов дека ме има логирана а не бев…
    стреинџ
    тука сум, полна со витамин Б ;)

    џорџи, ти повеќе се разбираш.
    Нели сме на нов аплатформа за ги нема тие работи?
    или јас сум у заблуда?
    можда и двете

  27. virtuella вели:

    …на новава платформа сме за да заличиме на фејсбук а не таму на блогеришта некојси безвезе… :)

  28. КирилДрангов вели:

    Еден мој професор (Македонец), го дефинира бракот како „долгорочна проституција„.

    • lepangelina вели:

      кирил драганов, битен е мотивот заради кој се стапува во брак-заради парите или заради љубовта.
      Парите не се небитна работа, ама од мое искуство, додека се има љубов, некако се имало и пари. Знам чудно е, ама така е.
      Јас сум била најсреќна кога сумсакала и сум била сакана, а не кога сум имала најмногу пари.
      што се мене тиче, сите треба вечно да останат дечко и девојка.

  29. lepangelina вели:

    џорџи, ми с елоши од фб :(
    не можам да ги смислам коментарите: леле, колку сте убави, лепотици, блабла

  30. КирилДрангов вели:

    ЛЕПАНГЕЛИНА
    Задоволувањето на потребата да сакаш некого е примарно за среќа и ти си во право. Од нашето раѓање ние имаме потреба да сакаме и да бидеме саканин, а материјалното е небитно, дури немаме ниту сознание за тоа. Структурата на личноста не се менува и кога сме возрасни. Фројд мисли после петата година, Ериксон мисли подолго, можеби цел живот но и за него не е спорно дека задоволувањето на оваа потреба е основа за среќа. Токму заради тоа, материјалното, иако може да не ослободи од многу грижи, не не прави среќни.
    Кога сакаме, тоа го доживуваме преку нас, кога некој не сака, тоа го веруваме или не, ни значи или не, во зависност од нашиот однос кон таа личност.
    Мотивот зошто влегува некој во брак нема големо значење, ако подоцна, причините заради кои останува во брак не се оној примарен мотив.
    Оправдувањето или објансувањето, пред себе но и пред другите, што многумина го имаат за останување во брак звучат рационално, но во основа, независно дали се останува заради материјалната состојба, заради иднината на децата, заради општествените и семејните норми…во основа, станува збор за долгорочна проституција заради нешто, не заради љубов и желба да се биде со некого, да се легне со некого, да се разбуди со некого, да се подели радоста со некого.

  31. Борис вели:

    Любовта и G-точката са измислици. Едното за примамка на жените, другото на мъжете :) ))
    Имам тука един комшия, ерген, мислех да му препоръчам блога ти, така де, хем шмизла, хем начетена, хем чувствена, но видях, че си срещнала хаѕбнд :) ))

    • lepangelina вели:

      Борис,како тата нема љубов?
      и сега јас да верувам дека сум се омажила и сум била у заблуда? :)
      не деј да препорчваш моја блог на ергени-когато разберат че сам шмизла, хем начетена, хем чувствена, хем знам да готвам и имам Г-точка, ште поискат да ме грабат :) ))

  32. Борис вели:

    Аз му казах, но като стигнах, че се потиш при 40 `С ме изгледа странно. Според мен човека страда по минала любов ;) ))
    Важното е, че уживате с любовта и Г-точката с йор хъзбанд, така че няма какво да променяш :) )). Поне засега…
    Пък и трудно ще ти е: едно време шмизлите изчакваха хъзбанд да отиде на работа и си вършеха техните шмизлински работи. При теб и когато е на работа следи какво става на блога ти и дали някой се спрема да те граба… :) ))
    Поздрави!
    :) ))

  33. lepangelina вели:

    Борис, некаде не се разбираме: странно е ако не се потиш на 40 степена :)
    Промена ми треба единствено во каупатилото-нови плочки, на пример.
    Иначе, јас не сум шмизла од проста причина-во градот од каде што потекнувам, тој поим не саштествува. Лигавешка, викаат кај нас, а јас сум си таква.
    А моја сапруг е мој фен-тој сашто так ми казва дали имам нешто ново на моја блог.
    поздр

  34. cuddlepie вели:

    Odamna nemam uzivano vakvi 5 minuti, citajkji. Ama odma te stavam vo favorites! :)
    Inaku, jas ne mislam deka taa kje zavrshi nesrekjna, mislam deka kje zavrshi ne znaejkji za pogolema srekja od taa. Ponekogas i so toa bi se zadovolila ama pustoto, znaenjeto kolku ne znam ne me ostava ramnodushna :)
    I jas kje se omazham od ljubov, pa materijalnoto kralstvo polesno kje si go gradam taka, so potpora i so pogolemo zadovolstvo za neshtoto spechaleno od nishto..

  35. lepangelina вели:

    добредојде на мојот блог cuddlepie. мило ми е што ти се допаѓа текстот.
    во една книга прочитав дека не е добро кога потрагата ќе стане најбитна, кога таа е и смила и цел.
    луѓето на село повеќе знаат да до ценат она што го имаат.
    убав ден, добер ручек, прикажување со најблиските, тоа се вреднсти што немаат цена.
    забегав малку :)

  36. simplegirl вели:

    уживав од првиот до последниот збор.
    и не само во овој пост туку во сите.
    магична си, така да си знаеш :)

  37. novajlija вели:

    Постот многу ми се допадна.Коментарите почнав да ги читам ми се видоа многу и прескокнував.
    Правило за среќа нема.За да бидеме среќни треба да бидат исполнети многу услови,да бидеме здрави и ние и нашите блиски, да имаме доволно пари, да бидеме убави,да имаме некој кој го сакаме а и тој нас да не сака итн. Никој не може да гарантира дали селанката ќе биде среќна во понатамошниот нејзин живот ама таа барем сега е среќна.Воопшто не е во ред да стапиш во врска без тоа да те прави среќен и да се надеваш дека ќе се оправи. Никој не може да каже дека нејзиното момче ќе почне да пие,тоа можеби зависи и од неа самата,исто како што никој не може да каже ни дали градското момче со многу пари и убав џип нема да почне да пие или да ја занемарува својата жена. Зависи кој што бара,девојката од село го нашла тоа што е најдобро за неа и тоа што ја прави среќна…

    • lepangelina вели:

      новајлија, кај тебе прочитав дека ја чекаш сопругата да пиете кафе заедно, ерго, знам дека знаеш што е да бидеш нечиј принц.

  38. nadezna вели:

    Angelino!
    Ангелино!
    Алал вера, чупо, алал вера!
    И да не седиш ред бутици толку време, само мака ти скориваат.

    • lepangelina вели:

      надежна, те немаше долго на блогерајов.
      и јас не се снаоѓав баш најдобро, ама ја оправувам пополека.
      сликата е сосем поинаква кога се гледа од столче пред бутикот или стоечки на вратата.

  39. шербет вели:

    Neostik sе вика лепилото…тууу како така да не знаеш??????

  40. lepangelina вели:

    шербет, има и тигар. Ми беше омилено, многу убаво ми мирисаше.
    не знаев тоа се викало снифање и дека кривично се одговарало за такви дејствија.
    јас го правев кога одев на школо и морав да лепам колаж.

  41. lounge вели:

    хммм,цела ја пуштија Роза Кантина или ја скратија? :)

  42. lepangelina вели:

    хахахахх! не! ја скратија!
    онаа там-там-там-там-тараам-там никогаш не го пуштаат до крај :)
    имаш поздрав од мај хазбнд-он е задужен за наоѓање на филмовите.
    јас сум опасност кога симнувам-еднаш симнав пет работи, а требало шестата :)

  43. lounge вели:

    хехе од едно во друго,те изненадив со прашањево кое нема врска,али мене ситници ми влегуваат во глава,таков сум си хехе

    тоа е машка работа,остај таму хехе

    поздрав враќам до хазбнд

    :)

  44. insomnia вели:

    -хепи фемили, за да имам станови, коли вили??- нема проблем

    Не е богат тој што има, туку е богат тој што е среќен и со тоа што го има во себе и покрај себе. Само човек човека усреќува, материјалното не.
    LepaAngelina приказнава ти е ептен на место. Од мене голем поздрав :)