Среќен 8. Март, цури!
8 мар
На времето верглавме состави во школото за Клара Цеткин и Роза Луксембург, кои полека пак се враќаат во мода. Јас си имам мои Рози и Клари и овој ден им го посветувам на нив.
8. МАрт ме потсетува на баба ми, на таа јадра убава жена, која јавала коњ, косела, орала, на таа убавица, која сонцето „не ја фаќаше“оти беше бела, чудесно бела.
Немаше ниту еден расипан заб, па кога одеше да и го чистат забниот камен, лекарот ги викаше сите колеги да ја видат.
Се сеќавам на нејзините баклави, и грклан сарлија, и на варената пченица и пченка што ми ги праќаше. И зелени сливи и јаболката и кикиритките.
Баба живееше на село. Многу се радуавав кога доаѓаше кај нас на гости, иако тоа беше само кога беше болна и кога ќе и дадеа инекции. И на третиот ден ја фаќаше фељ, не можеше да доседи и додека да видиш, веќе се спакувала и се спрема да си оди. Многу сакав да ми раскажува како било во нејзино време, како дедо свирел на усна хармоника, ама престанувал ако до неа на орото се фатело машко.
Не знам дали некој некогаш и беше подарил нешто. Потекнувала од богато семејство, ама во селото те даруваат на свадбата и толку.
Е , на 8. Март, баба добиваше подароци. Сите одевме кај неа кој со цвеќе, кој со кошула, кој со штоф, и нејзе тој ден и беше празник.
Баба не напушти ненадејно. Не плачев, не жалев. Знам дека баба е на подобро место од ова. И знам дека кога еден ден ќе ја напуштам оваа димензија, прво ќе ја видам неа.
8. Март ме потсетува на децата кои беа на стан кај нас.
Јас студирав и ги имав видено двапати. Секој 8. март на мама и носеа подароци и откога веќе завршија.Кога си доаѓав од Скопје, се штрепнував од пластичните китки и невешто моделираните фигури на жена кои беа испрчени. Тогаш бев многу поарогантна од сега, и не можев да ја гледам комодата наредена со глупости како на селска слава и не се воздржував да го дадам своето мислење.
Ама мама гордо ги перчеше и жестоко ме критикуваше.
-Засрами се!- ми велеше. -Девојчињата се средношколки, учат, сакаат да побегнат од мизериајта на село, нема што да јадат, залакот го делат, од целата немаштија одделиле да купат подарок за мене, а тебе што се ти е дадено под носот, ќе наоѓаш мана?
Мама. Ми недостига нејзиниот мирис – да ме покрие во чистата постелина и да ме завие во јорганот како кожурец и да ме успокои пред спиење нејзиниот мирис на Јардли ноќен крем и да се залулкам во креветот како во гнездо. Сакам да ги слушам сабајле со татко ми како си прават муабет и како му порачува што да купи, и да јадам јаболка кисели како што тате ги бира. Да си апнам торта, за која не постои пишан рецепт, оти секогаш има нешто поинакво, да ме помилува мирисот на ванилин шеќер и на рендана кора од лимон.
Тета. Обожавав да ја гледам како се шминка и како си става виклери. Често доаѓаше кај нас. Таа беше најмлада, одеше на партиски состаноци, носеше фармерки и хипи кошули, пушеше цигари и пиеше кафе. Кога влегував кај неа дома, имав чувство како да влегувам во платно, како да сум уметничко дело. Наместо гоблени, имаа слики, многу книги, не само сериозни како кај нас – ги имаа сестрите Бронте и комплетот на Мирјам и секогаш се слушаше класична музика. Нема некој што зборува како неа. И најбаналната случка кажана од неа, е приказна. Кога сум со неа, сакам да ќутам и да ја слушам. Кога бев мала, пред заспивање ќе ме погалеше по веѓите. Тоа ме успиваше моментално.
Баба. Го носам нејзиното име. Умрела млада, многу млада. Никој не знае од што. Во тоа време, нејзиниот брат одел на некој повоен курс за прва помош. Секој ден поминувал покрај нејзината куќа, тропнувал, ја ѕирнувал и одел. Сите денови, освен тој кобен ден. Никогаш не си го прости тоа.
Брачеда ми. Таа е најспособната, најпаметната, најубавата жена којашто ја познавам. Таа може да биде на постдипломски студии, да има две деца, да работи, да стигне да ги посети сите блиски, да оди на кафе со колешките и со приајтелките, да се организира и да оди со мажот и на концерт во Скопје, да ги слика сите настани и да ги подреди во албум, и на никого да не заборави да му го честита роденденот или годишнината од бракот. Нема мана.
Моите пријателки. Ги знам од прво одделение. Со дел од нив се здруживме во средното. Сите се различни, и на изглед и по карактер, и како што одминува времето, се повеќе сфаќам колку е скапоцено нашето пријателство.
Моите блог пријателки. Многу му се допаѓа тоа шарено друштво и среќна сум што сум дел од него. Ве сакам, иако ни имињата не ви ги знам.
Лани излеговме со мај хазбнд да ми купи подарок, тој на точак, а јас се пицнав, му викам: „Кај нас за 8. Март се дотеруваме “:) И одиме така, јас цупкам покрај него и му викам: „Знаеш, оние што не гледаат сигурно мислат дека си со мене заради парите, а дека јас имам 2 развода и 3 деца со себе, штом те сакам таков на точак.“
Лани беше огледало, оваа година чајниче со филџан. Јас сум жена на која е многу лесно да и најдеш поклон- секогаш ми треба нешто. Мене ми фалат празници, ама среќа, секој месец има по нешто
))
Среќен 8. МАрт, цури.
Јас сум на чајанка, ама не знам во колку саатот.





последни коментари